Еурофарм Пелистер - Динамо Панчево 24-24 (13-13)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер и Динамо Панчево, во претпоследниот дуек од групата Б одиграа изненадувачки 24-24. Натпреварот на турнирот „Крсте Андоновски“ донесе одлична игра од српскиот претставник, а нашиот првак се бореше за комплетен пресврт, но ударот на Видомски во последната секунда заврши над голот. Првото полувреме започна со одлична игра на македонскиот шампион, пелистерци во три наврати имаа водство од три гола и делуваа дека се во супер-ритам, но потоа следуваше голем пад во темпото, а тоа умешно го искористи противникот. Динамо одигра пеколно во завршните минути од првиот дел и со одлична серија од 6-0 успеа да дојде до дури три гола позитива на паузата (13-10).
Заморот и отсуството на неколку играчи беа повеќе од евидентни во таборот на македонскиот првак, но сепак, се обидоа со завршен налет да се вратат во игра и да ја оправдаат фаворитската улога. Ранчиќ биеше над голот на Пелистер, а потоа Ник Хенигман изнуди исклучување кај Динамо. Се вратија битолчани на -3, а потоа Мартин Јовановски одбрани пенал и стимулираше одлична серија. Тргна Пелистер кон враќање на само гол негатива, а потоа и по израмнување. Јовановски впиша уште една интервенција, по што македонскиот тим дојде до егал (20-20) и го најави пресвртот кој се очекуваше.
Калед Валид донесе прво водство во 55. минута (22-21), а гостите повикаа тајм-аут, и се обидоа да одиграат добро во финишот. Се држеа во егал на 120 секунди до крајот (23-23), а потоа Чировиќ одбрани пенал (16 интервенции и МВП на натпреварот) и донесе напад за водство на Динамо. Фејеш ја загуби топката, а Видомски бргу реализираше за 24-23. Чубрило со брз гол на другата страна врати на 24-24, по што Пелистер имаше четири секунди за напад. Видомски биеше преку голот и го донесе второто реми на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид.
Најефикасен ракометар кај Еурофарм Пелистер беше Дејан Манасков со шест погодоци. Извонреден на голот на Динамо беше Никола Чировиќ, кој заврши со шеснаесет успешни интервенции.
Еурофарм Пелистер - Динамо Панчево 24-24 (13-13)
Спортска сала „Билјанини извори“ - Охрид
Гледачи: 100
Судии: Методија и Михајло Илиевски
Еурофарм Пелистер:
Брестовац, Јовановски, Манасков 6, Видомски 1, Хекберт 3, Тајник 2, Калед Валид 2, Хенигмен, Радивојевиќ 2, Кузмановски 2, Абутовиќ 1, Калајџиевски, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 2, Хосни 1, Хаџиќ, Павле Атанасијевиќ 2
Седмерци: 9/4
Исклучувања: 10 минути
Динамо Панчево:
Чировиќ, Станисављевиќ 4, Богдановиќ 3, Перовиќ 1, Периќ 2, Тасиќ, Новаковиќ 1, Чубрило 3, Мијатовиќ 1, Илиќ, Стаматовиќ, Митровиќ, Арсиќ, Ранчиќ 5, Фејеш 3, Колунџиќ 1
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 12 минути
Финалето меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид се игра в сабота од 20:00 часот.