Суперкуп на Македонија 2025
Еурофарм Пелистер - Вардар 1961 28-27 (12-13)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер по третпат го освоија трофејот во Суперкупот, откако по огромна драма го совладаа Вардар 1961 со 28-27 (12-13). По четврти пат во низа, втор во официјалните натпревар пелистерци го совладаа лутиот ривал и ја отворија новата сезона со првиот трофеј.
Вардарци цело лето не успеаја на пријателските мечеви да пронајдат решение за победа над Битолчани, а со тие проблеми клубот продолжи и на Суперкупот вечерва. Со овој натпревар официјално стартуваше и новата ракометна сезона во Македонија, а Еурофарм Пелистер ја отворија сезоната онака како што ја затворија претходната – со победа над Вардар.
Генерално натпреварот беше изедначен во текот на двете полувремиња, а Вардар дури и водеше со еден гол разлика на паузата, со резултат од 13-12. Водството претежно го имаа „црвено-црните”, а битолчани го презедоа на неколку наврати, како и на самиот крај.
Најефикасен играч на средбата беше Хосни со осум гола, додека кај вардарци се истакна Кавада со шест погодоци.