Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одработија последниот тренинг пред првото гостување сезонава во Лигата на шампионите. Пред утрешниот пат за Париз и дуелот со ПСЖ, со новинарите зборуваа тренерот Гарабаја и голманот Митревски.
Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Мораме да се фокусираме на самите себеси, за да напредуваме секојдневно. Треба да се фокусираме на добрите страни на ПСЖ и да го дадеме најдоброто од себе. Да се обидеме да бидеме ефективни и ништо да не му биде лесно на ривалот. ПСЖ има супер-тим, со супер-ракометари и одличен тренер. Добро е што играме со нив на почетокот на сезоната, бидејќи секојдневно ќе напредуваат. Во Париз нема да ги имаме нашите навивачи, нашиот осми играч, но сигурно ќе ја почувствуваме нивната поддршка.
Никола Митревски
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Било каков и да е ПСЖ се работи за гигантот во спортот и во ракометот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психичкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастеретени на гостински терен во Париз.
Било која победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Не треба уште одсега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде - нека биде.