По два дерби натпревари на гостински терен, шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер за првпат еден голем дуел во Суперлигата сезонава ќе игра во Битола. Се очекува исполена спортска сала „Боро Чурлевски“ за натпреварот против Охрид (недела, 18:00 часот).
Кружниот напаѓач Жарко Пешевски ги повика фановите да ја наполнат салата пред соочувањето со тимот на Борис Ројевиќ.
„Нов суперлигашки натпревар и нов тежок предизвик. Играме во нашиот ракометен храм, императивот е победа над Охрид. Мора да пристапиме со максимален фокус и со добра игра да ги израдуваме навивачите.
Нека овој меч биде празник за ракометот, во кој сите гледачи ќе проследат квалитетен суперлигашки ракомет“, рече Пешевски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид ќе го водат интернационалните ИХФ судии, Виктор Начевски и Даниело Божиновски.