Еурофарм Пелистер не победи на натпревар на кој се чинеше дека ги има бодовите во свои раце. Избраниците на Гарабаја пропуштија убава шанса да го добијат дербито со Алкалоид, водеа скоро цел натпревари, на моменти и со седум разлика, но дуелот заврши 26-26 (17-13).
Еурофарм Пелистер беше поуверлив во добар дел од мечот и заслужено стигна до навидум комотна предност. Највисоката изнесуваше 23-16 во раната фаза на второто полувреме сепак не се покажа како одлучувачка за важна победа. Тимот од Автокоманда почна да ја топи предноста и го натера Пелистер да игра со далеку поголема нервоза, па во завршната минута се влезе со еден гол позитива за домаќините (26-25).
Капитенот Кузмановски не реализираше напад кој сигурно ќе значеше и победа, а во следниот напад, Ѓоргиев погоди по шести пат од шестиот обид и донесе израмнување на триесет секунди пред крајот. Гарабаја доби тајм-аут и нацрта напад за победа, па откако гостите направија прекршок во опасната зона, Пелистер доби шанса за победа од седум метри.
Радивојевиќ ја презема одговорноста да го изведува пеналот, но разбранетиот Галевски одлично беше поставен и успеа со одбрана да ја замолкне салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Најдобар стрелец кај Еурофарм Пелистер беше Дејан Манасков со девет гола, Филип Кузмановски погоди пет пати, а Никола Митревски имаше 13 одбрани. Кај Алкалоид, Марко Стојковиќ заврши со осум гола, а Игор Ѓорѓиев имаше шест. Кај голманите Иван Галевски фати седум, а Марко Кизиќ четири топки.
Ракомет
Суперлига 2025/26
14. коло
Еурофарм Пелистер - Алкалоид 26-26 (17-13)
Спортска сала: „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 3.500
Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов
Еурофарм Пелистер:
Митревск, Хаидарирад, Манасков 9, Видомски 3, Ристевски 1, Хакбарт, Тајник 2, Хенигман, Радивојевиќ 3, Кузмановски 5, Кајаџиески, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 2, Хосни 1, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 8/5
Исклучувања: 8 минути
Алкалоид:
Кизиќ, Галевски, Џонов, Тордарсон 1, Маркоски, Никола Костески, Ненад Костески, Серафимов 4, Карасманакис 1, Стојковиќ 8, М. Митев 4, Ѓоргиев 6, Велковски 1, Д. Митев, Борзаш 1, Аларов
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 4 минути
Во следното 15. коло Еурофарм Пелистер се среќава со Струга, а претходно ќе гостува во Загреб во Лигата на шампионите.






