Еурофарм Пелистер попладнево ги започна подготовките за вториот дел на сезоната. Без девет репрезентативци, кои ќе настапат на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, пелистерци одржаа работен состанок и прв тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“. Помошникот тренер на Еурофарм Пелистер, Алексо Лембанов, го претстави планот на подготовки на шампионот на Македонија за вториот дел од сезоната.
„Подготовките ги започнуваме со драстично намален ростер, поради големиот број на репрезентативци кои ќе настапат на ЕП. Ќе работиме на секој аспект од ракометната игра. Нормално, во овој почетен период ќе ставиме акцент на физичката подготвеност. Ќе работиме во помали групи, а ќе ни се приклучат неколку играчи од младинскиот погон на клубот, кои ќе може да ни помогнат во тренажниот процес. Кога ќе дојде Алушовски ќе се дефинираат плановите околу пријателските натпревари.
Кога ги браниш боите на Пелистер, амбициите се на највисоко ниво. Нашите желби се конечно да дојдеме до таа двојна титула. Во првиот дел од сезоната видовме дека меѓусебните дуели можеби нема да бидат одлучувачки за кој ќе биде шампион, бидејќи постојат уште доста многу тешки натпревари. Пак ќе речам, добро е што ние ќе атакуваме на двете титули и добро е што сè зависи од нас“, рече Лембанов.
Новиот тренер Стевче Алушовски првиот тренинг во новата средина ќе го има в понеделник попладне во спортската сала „Боро Чурлевски“.






