Првакот на Македонија, Еурофарм Пелистер е во исчекување на последниот домашен меч во Лигата на шампионите оваа сезона. Во Битола гостува францускиот гигант ПСЖ, што ќе биде одлична подготовка и увертира за домашните предизвици. Тренерот Стевче Алушовски го најави следниот меч, за кој кажа дека ќе се игра исто како и сите други и покрај загубените шанси за следна рунда во елитата.
Стевче Алушовски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Се подготвуваме како и за секој натпревар, ни гостува гигантот ПСЖ кој оваа година во првата полусезона не играше според очекувањата. Се работи за тим составен од голем број француски репрезентативци и интернационалци кои се едни од најдобрите на своите позиции, така што ни следи тежок меч, со многу трчање, доколку успееме да го контролираме нивното темпо кое го наметнуваат при транизиција, имаме добри шанси да бидеме во добро светло. Со наша добра игра и карактер, да извојуваме добар резултат. Последен меч за нас дома, ПСЖ не доаѓа секој ден во Битола, па се надевам на голема поддршка и ги повикувам сите љубители на ракометот, заедно да направиме еден добар и историски резултат за нас. Секако дека во онаа видео-анализа која спремавме пред мечот, го земаме и првиот меч што беше добро, а што лошо. Ние шансите за пласман ги загубивме, но сите овие силни натпревари против ПСЖ и Барселона ќе ни послужат и се добредојдени за екипата од ден во ден да расте. Кажав дека краток период сме заедно и секој еден ваков меч е додадена вредност во однос на тоа што значи како ќе се поставиме во играта во одбрана и во напад. Двата исклучително тешки мечеви со ПСЖ и Барселона ќе ги користиме за подготовка со Вардар. Нашиот фокус е кон домашното првенство, но тоа не значи дека во ЛШ нема да играме на нашиот максимум.
Петар Атанасијевиќ
(РК Еурофарм Пелистер)
Ова за нас е последен домашен меч за нас во Лигата на шампионите. Ќе дадеме се од себе и ја повикувам публиката во што е можно поголем број да ужива во натпреварот. Добро се чувствуваме сите, немаме повредени играчи, сите сме во добра хемија и се надевам тоа ќе го префрлиме на терен. Ни следи тежок и напорен меч, но ние ќе играме до крајот.
Денис Болиќ и Кристоф Хурич од Австрија ќе ја делат правдата на овј дуел.






