b_640_480_16777215_00_images_vesti_2023_12_cile_силјан_мицевски1.jpg

Македонската спортска јавност и ракометот како национален спорт утрово се разбуди со голема загуба. Во 78-та година од животот очина „таткото“ на ракометна Битола и РК Пелистер, големиот Силјан Мицевски.

Оние кои добро го познаваат Силјан Мицевски, добро знаат за каква личност станува збор. Популарниот Циле важи за еден од Македонците со најголема ракометна страст. Неговата врска со ракометот е неизбришива. Човек кој шеесет години во разни функции бил во ракометот, не може така лесно оваа своја голема љубов да ја потисне и да се посвети само на бизнисот.

силјан мицевски 1

Силјан беше ненаметлива личност, ретко се појавуваше пред јавноста, дури и во неговото прво владеење во РК Пелистер рефлекторите му ги препушташе на оние кои најмногу тоа го заслужуваат - ракометарите. А Мицевски баш знаеше да избере добар ракометар. Имаше одлични соработници и истенчен вкус и око за добар талент. Неговото име е врзано со првиот европски настап на една македонска екипа. Беше 1985 година, а во Битола во меч од Купот на побдниците на Куповите дојде славниот Атлетико Мадрид со легендарниот голман Лоренцо Рико. Тоа беше празник на играта, кој во Битола уште се памети и прераскажува. Само уште легендарниот плеј-оф меч со Партизан Бјеловар, мечот со инцидент со Металопластика и подоцна историската трагедија со Лемго, можат да се рамнат со овој меч. А во сите споменати Силјан беше тука. Тој беше архитектот, човекот кој одбираше кој како и каде ќе работи. Вложувањето во младиот тренер Касим Каменица беше правилен потег кој ја смени клубската историја. „Камени“ знаеше како со младите ракометари. Сите тие напредуваа покрај него.

cile 5

А Силјан Мицевски секогаш внимаваше на клупската академија. И во Битола тие години се раѓаа ракометари колку што сакаш. Абдула Јусуфовски, Стевче Стефановски, Томче Петрески беа само дел од оние кои го пополнија мозаикот со квалитетни надворешни засилувања. А бисерот на генерацијата Циле и неговиот тим го пронајдоа во Велес. Пепи Манасков беше неизбрусен дијамант, кој во рацете на Каменица брзо се претвори во додадена вредност на тимот. И слично беше скаутирано низ целата наша република. Дојдоа и Ванчо Јовановски, Драган Маринковиќ, подоцна Кимевски, Станковски и слично. Македонскиот ракометен пазар беше целосно контролиран од Силјан Мицевски. Пелистер во доцните осумдесетти не само што создаде тим кој ќе игра постојано во Европа, туку тоа беше тим кој се бореше за националната титула во Југославија - тогаш најсилната лига во светот. И не само што играше во таа лига туку двапати беше блиску и да ја освои. Со имиња како Зечевиќ, Фестиќ, Сарач, Шуман и уште многу други, Пелистер пропушти две меч топки за национална титули, иако и ден-денес тие кои ги следеле настаните тоа време ќе речат дека причините не беа само спортски, што титулите заминаа во Шабац, а не во Битола.

cile 6

Но Силјан Мицевски и Пелистер создадоа нешто големо. Го создадоа Манасков - првиот Македонец кој заигра во Бундеслигата, Петрески - првиот кој отиде во Франција, чудесниот Боро Чурлевски, кој изникна од клупската академија и со децении беше миленик на ракометните фанови. Целиот проект на Мицевски така добро се развиваше, што Пелистер не ни го осети влезот од југословенската во македонската лига. Тимот повторно остана многу силен и секоја година целеше кон презимување во Европа. Циле и „Чкембарите“ за домашните пехари не ни размислуваа. Александар Мирзамамедов и Пелешенко беа првите руски засилувања, од Србија и Црна Гора дојдоа Новокмет и Николиќ, па голманот Шандор Ходик, а од младинската школа стигнаа до првиот тим Марковски, Поповски, Димитровски. Веројатно најсилната генерација на Пелистер во македонските првенства се прошета низ неколку домашни првенства, а во Европа целите се надминуваа. Натпреварот кој во Битола никогаш не се преболе, се случи во март 1995 година. Спортската сала „Младост“ беше претесна за гостувањето на Лемго. А влогот беше финале на Купот на Куповите. 10-15.000 луѓе меѓу салата и видео-бимовите низ градот го сонуваа пролетниот сон за прво европско финале на Пелистер и еден македонски клуб. Фортуната и неискуството им го сврте грбот на Пелистер на тренерот Зоран Зечевиќ и наместо македонско-шпанско финале, Лемго лесно го освои трофејот, победувајќи ја Тека на Талант Душебаев во големото финале. Од тој пораз Пелистер и Мицевски никогаш не успеаја да се опорават.

cile 7

Повторно победуваа, се редеа домашните трофеи, но во Европа немаше нова пролет. Следеа елиминациите од Гудме и Флензбург, но Лемго секогаш се враќаше во мислите. Ангажманот на младото момче од Свети Николе, кое веќе играше во Купот на шампионите за Борец на само 16 години, беше уште една генијална идеја на клубската управа на Пелистер. Кирил Лазаров дојде во Битола, а од првите моменти кога добиваше шанса како крило, видливо беше дека Пелистер откри нов бисер - нова аквизија слична како онаа на Манасков. Тренери како Цане Крстевски и Никола Јевремовиќ знаеја да работат со таков вид на таленти. А пред Кире беше Душан Новокмет, кој тогаш беше изграден ракометар и младите имаа од кого да учат. Дојде првото учество на едно Светско првенство и во Египет 1999 година, Македонија се претстави со 9-10 ракометари од Пелистер и целосен стручен штаб на битолчани. Тоа беше уште една голема победа на Силјан Мицевски. Пелистер имаше физиономија, која одамна излезе надвор од националните граници. Силјан Мицевски е еден од најтрофејните претседатели во историјата на македонскиот ракомет, а создаде и најдобри во сите други категории. Нема врвен македонски ракометар во историјата кој не го запознал и кој не играл во Битола.

Крстевски најтрофеен, Чурлевски најсакан, Кире и Пепи најдобри

Во ерата на Силјан Мицевски рекордите беа секојдневие во ракометна Битола. Цане Крстевски кој своевремено беше и ракометар на клубот, подоцна освои пет национални титули и и денес е најтрофеен македонски тренер. Потрофеен и од Червар, Вујовиќ, Шундовски и сите останати. Генијалниот Боро Чурлевски како идол на навивачите, веројатно е најсаканиот од тимот кој некогаш настапуваше во плави, а денес во зелени дресови. Бисери како Манасков и Лазаров оваа наша земја кој знае кога повторно ќе роди. Само тројца ракометари: Александар Зарков, Кире Поповски и Игор Николовски освоиле шест од седум трофеи на Пелистер на теренот. Само претпоследниот под името Пелистер Кометал и овој последниот не е со Силјан Мицевски на претседателското место.

sponzori 2023 2024

За нас

На ден 29.11.2019 во општина Битола беше потпишан договорот ,,ПЛАТФОРМА ЗА РАКОМЕТНА БИТОЛА’’, со што и официјално Битола го доби клубот РК Еурофарм Пелистер.

Договорот го потпишаа претставници на двата клуба и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска во просториите на Општина Битола.

Еурофарм Пелистер ќе биде водечкиот клуб со високи европски амбиции, а Еурофарм Пелистер 2 клуб исполнет со млади ракометари и таленти од Битола и цела Македонија.

Прочитај повеќе

Контакт

Адреса: Ул.Добривое Радосављевиќ бр.3
Битола 7000, Република Македонија

E-mail: info@rkeurofarmpelister.mk

icons8 facebook old 48 icons8 instagram 48 iconfinder youtube 834723