Еурофарм Пелистер доживеа очекуван пораз на гостински терен кај фаворитот, тимот на Веспрем, битолскиот тим загуби со 33-26. во меч од Лигата на шампионите. Веспрем имаше тотална контрола уште од самиот почеток, го отвори натпреварот со 5-0, а на полувремето имаа предност од убедливи 20-11. Македонскиот тим го доби второто полувреме со 15-13 и се избори за пораз од 33-26.
На прес-конференцијата по натпреварот зборуваа тренерот Раул Алонсо и крилото Дејан Манасков.
Раул Алонсо
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Честитки за Пасквал и за сите ракометари на Веспрем. Сакавме да се претставиме подобро во првиот дел. Натпреварот беше решен по само десет минути. Веспрем покажа моќ, имаше баланс во играта и по половина полувреме имаше осум разлика. Среќен сум за реакцијата во вториот дел, не беше лесно да се вратиме. Публиката беше одлична, им даде голем поттик на домашната екипа. Ние треба да го анализираме овој натпревар, а на Веспрем му посакувам успеси и остварување на сите цели.
Дејан Манасков
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Честитки за Веспрем за победата. За мене ова беше посебен ден, првпат се враќам во „Веспрем Арена“ по заминувањето од клубот. Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе во клубот, на гледачите и да им порачам дека секогаш тука ќе се чувствувам како дома. Веспрем покажа каква екипа е во првиот дел. Во второто полувреме се подобривме, голманите ни помогнаа, но разликата во квалитет беше видлива. Верувам и навивам овој Веспрем да ја освои Лигата на шампионите оваа сезона.
Следниот натпревар во Лигата на шампионите на Пелистер е на 4 декември во Битола против Висла Плоцк.