По победата над Загреб и поразот од Пари Сен Жермен, Еурофарм Пелистер го чека дуел со вицешампионот на Данска, ГОГ Гудме. Пред натпреварот, закажан за в среда од 20:45 во „боро Чурлевски“ во Битола, со новинарите разговараат Петар Атанасијевиќ и Нејц Цехте.
Нејц Цехте
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
ГОГ Гудме има многу млад тим. Секоја година тие или ги продаваат или ги менуваат постарите играчи. Доаѓаат играчи од нивната академија и сите играат ист ракомет. Брзо играат, но мислам дека тоа во среда нема да им биде доволно. Нашата одбрана се надевам дека ќе спречи нивни лесни голови, да не дозволиме полуконтри и контри. Сакам да ги повикам навивачите, заедно да го прославиме нивниот роденден и со победа да го потврдиме напредокот.
Петар Атанасијевиќ
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Се подготвуваме максимално. Играме против млада екипа која што игра скандинавски ракомет. Сме се соочиле со такви екипи, и сме минувале и добро и лошо. Ќе го дадеме нашиот максимум, како што беше на натпреварите со Загреб и ПСЖ. Сакаме да извојуваме победа и да ги израдуваме нашите фанови особено „Чкембари“ кои што слават роденден од 40 години. Сите веруваме во чуда и на натпреварите даваме по 200% и секогаш ќе се бориме до крај – до последните минути“, рече левото крило на пелистерци.
Шпанците Андреа Марин и Игнасио Гарсија ќе ја делат правдата на дуелот меѓу македонскиот и данскиот претставник во елитата.