Ракометарите на Еурофарм Пелистер на херојски начин се изборија за бод пред една недела против моќниот ПСЖ на домашен терен, но вечерва не успеаја да се повторат во „Палау Блауграна“.
Каталонскиот гигант наметна темпо од самиот старт во ситуација кога бркаше заверка на првото место, а на крајот запиша и повеќе од убедлива победа изразена со огромна разлика. Тимот на Стевче Алушовски остана без сили да се надигрува со моќниот тим кој и оваа сезона аспирира за титула, па во такви услови, прашањето околу победникот беше решено уште во првите триесет минути.
Битолскиот тим прими 24 гола и имаше девет голови негатива на полувреме (24-15), но за жал, второто полувреме беше уште поболно за македонскиот шампион. Барселона не застана и продолжи да го полни голот на Пелистер, па на крајот оствари преубедлива победа изразена со резултат 47-27.
Ракомет
Лига на шампиони 2025/26
Б група - 14. коло
Барселона - Еурофарм Пелистер 47-27 (24-15)
Спортска сала „Палау Блауграна“
Гледачи: 1.647
Судии: Свавар Петерсон и Сигурдур Трастарсон
Барселона:
Нилсен, Халмгримсон 2, Сола 7, Мем 6, Макуц 5, Баруфет 5, П. Цикуша 5, Фабрегас 4, Фраде 4, Карлсбогард 3, Фернандез 2, Ѓ. Цикуша 2, Јанц 1, Нгесан 1, Базан, Абело
Седмерци: 5/5
Исклучувања: 2 минути
Еурофарм Пелистер:
Хаидарирад, Митревски, Брестовац, Манасков 3, Видомски 3, Ристевски 3, Граховац 3, Хенигман 3, Кузмановски 3, Петар Атанасијевиќ 3, Хакбарт 2, Хосни 2, Радивојевиќ 1, Калајџиески 1, Абутовиќ, Пешевски
Седмерци: 1/1
Исклучувања: 2 минути
Најефикасен играч на мечот беше Адриан Сола со седум реализации. Кај Еурофарм Пелистер головите беа добро распоредени, Алушовски им даде шанса на сите играчи, а со по три гола завршија Манасков, Видомски, Ристевски, Граховац, Хенигман, Кузмановски и Петар Атанасијевиќ.






